Лозарите бараат посигурни договори со винарниците

28.01.2020 10:30

Лозарите бараат договорите со винарските визби за откуп на винското грозје да се потпишуваат најдоцна до Свети Трифун. Исто така тие се незадоволни и од откупните цени, кои според нив се најниски во регионот...

Лозарите бараат најдоцна до Свети Трифун, односно средината на февруари да се склучуваат договори за откуп на винското грозјето. Во договорите да бидат внесени цените, а плаќањето да се врши според законот.

На трговците кои ќе го пропуштат рокот да не им се дозволи по празникот да склучуваат договори со лозарите, а и на оние кои склучиле, да им се забрани да откупуваат поголеми количества од договореното. На тие што воопшто нема да склучат договори до празникот, да им се одземат лиценците, и да не им се дозволи да се вклучат во откуната кампања за тековната година, бара здружението „Напредни лозари“.

Тие сметаат дека и субвенциите треба да се зголемат за сто проценти, а со „зелена нафта“  целосно да им се покрјат производствените трошоци. Цената на винското грозје да не биде помала од откупните цени во Европската унија или барем од оние во соседството.

Цената на винското грозје кај нас, велат дека е двојно пониска и од земјите во регионот, а ѓубривата и заштитните средства се повисоки од Европската Унија. Минималната откупна цена, пак, бараат годишно да се зголемува за минимум 20 отсто за да се достигне откупната цена на европско ниво.

 

Методија Трајков