Кина

Удвоен бројот на заразени од Коронавирусот

28.01.2020 13:18

Коронавирусот зема замав во Кина. За едно деноноќие е удвоен бројот на заболени. Досега починале над 100 лица. Германија е втората европска земја во која е регистриран новиот тип. Се заоструваат контролите на аеродромите и границите...

Над 100 починати од Коронавирусот кој се појави во кинескиот град Вухан. Властите тврдат дека само за еден ден се удвоил бројот на заразени. Повеќето од жртвите се повозрасни луѓе или кои веќе имале компликации со дишните патишта. Од болничко лекување се пуштени 60 луѓе. Се заоструваат ограничувањата за патување, а во неколку градови е задолжително носење маска. Пекинг и Шангај воведоа 14-дневно набљудување на луѓето кои стигнуваат од провинцијата Хубеј. На неодредено време е одложено новото полугодие на училиштата и универзитетите. Железницата не работи, а Одделот за миграција ги предупреди граѓаните да ги преместат термините за патување и да го ограничат прекуграничното движење. Неколку земји праќаат летови за евакуација на своите државјани од Вухан. Епидемијата го окупира и медиумскиот простор. Кинеските телевизии ги укинуваат забавните програми за да информираат за коронавирусот.

Драконски мерки се преземаат и во соседните региони. Хонгконг ги затвора границите со континентална Кина, а во Јапонија е забележан драстичен скок на продажбата на заштитни маски.

„Изненаден сум од зголемената побарувачка на маски. Се надевам дека многу брзо ќе им ги доставам нарачките на загрижените клиенти.“

По Франција, Германија е втората европска држава во која е регистриран вирусот.

„Основана е специјална единица која е подготвена од самиот почеток на коронавирусот и комуницира со разни федерални служби. Ако го гледаме сегашниот случај, пациентот е добро. Изолиран е во клиника во Минхен. Се проверуваат контактите“, изјави Мелани Хумл, минисер за здравство, Баварија.

Коронавирусот предизвикува сериозни респираторни проблеми за кои засега нема ни лек ни вакцина. Се појавил на пазар во Вухан за морска храна, месо, а и диви животни кои се продавале незаконски, па потоа се проширил и кај луѓето. Според кинеските власти, коронавирусот може да се шири и во периодот на инкубација пред да се појават симптомите.

„Прво, нема конкретен лек. Второ, периодот на инкубација е две недели. Луѓето во овој период немаат никакви симптоми така што може да го прошират вирусот на други луѓе“, изјави доктор Лери Хенпинг Лу, Чикаго.

За Светската здравствена организација, нејасно е дали вирусот е заразен пред да се појават симптомите. Третманот може да трае и со недели доколку станува збор за потешка форма на заболувањето.

 

Маја С. Филдишев