Скијање – Светски куп

Триумф на Фенингер за интересна завршница на сезоната

06.03.2014 21:21

Вториот триумф во сезоната Фенингер го оствари иако по првата трка имаше седмо време и 88 стотинки послаб резултат од Словенката Тина Мазе која на крајот заврши како петта...

Австријската скијачка Ана Фенингер триумфираше на велеслаломот во Оре и ги задржа реалните шанси за освојување на малиот кристален глобус во оваа дисциплина, како и за вкупна победа во Светскиот куп. За шестата победа во кариерата, а петта во велеслалом, Фенингер беше побрза за 21 стотинка од Анемон Мармотан од Франција и за 39 од сонародничката Ева Марија Брем и од Швајцарката Лара Гут кои го поделија третото место.

Вториот триумф во сезоната Фенингер го оствари иако по првата трка имаше седмо време и 88 стотинки послаб резултат од Словенката Тина Мазе која на крајот заврши како петта.

Затоа што потфрли со пласманот на 21-то место, Германката Марија Хефл – Риш како лидер во Светскиот куп и дозволи на Фенингер на шест трки до крајот на сезоната да и се доближи на 67 бода. Фенингер ја намали и предноста на Швеѓанката Џесика Линдел – Викерби која во завршните два велеслалома ќе влезе со предност од 54 бода.

Во шведски Оре дамите утре ќе возат уште една велеслалом, а в сабота и слалом како вовед во завршните четири дена од сезоната од 12 до 16 март во швајцарскиот скијачки центар, Ленцерхајде.