Јавна расправа за Законот за Јавно обвинителство во Собранието

28.01.2020 15:09

Законот за јавно обвинителство влегува во собраниска процедура. Почна јавната расправа во Комисијата за политички систем. Голем е интересот за дискусија. Министерката Дескоска го презентираше законското решение...

Во Собранието попладнево на седница на Комисијата за политички систем почна јавната расправа за законот за јавно обвинителство. Министерката за правда Рената Дескоска очекува конструктивна јавна расправа за законот за јавно обвинителство. Таа изјави дека очекува јавната расправа да даде предлози како да се подобри Предлог-законот, а не да се злоупотребува времето за дебата.

„Дебатата треба да се води по законот по она што е содржано како решение и да слушнеме евентуално ако има предлози за подобрување на текстот. Во спротивно, секое било какво поинакво однесување, особено од опозицијата ќе биде протолкувано како опструкција на процесот и одолговлекување“, рече Дескоска.

Додаде дека ако има добра волја може да се донесе законот пред распуштањето на Парламентот. Министерката изрази надеж дека ќе биде обезбедено потребното мнозинство за да биде донесен законот, но и оти очекува опозицијата да постапи разумно.

На јавната расправа присуствуваат пратеници од сите пратенички групи, министерката за правда Рената Дескоска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинители и професори од Правниот факултет и меѓународни претставници.