Реформите да продолжат, Унијата да отвори преговори
Македонија да продолжи со реформите, а Унијата да отвори преговори. Претседателот Пендаровски на европско- американски собир со дипломатите во земјава. Ратификацијата на НАТО протоколот во Шпанскиот парламент се најавува во почетокот на март...
Историска грешка, го цитираше својот премиер Конте, италијанскиот амбасадор коментирајќи го октомврискиот став на Франција, но и на Холандија и на Данска за македонско- албанскиот пакет на проширувањето. Безрезервна е поддршката на Рим кој бара паралелелен процес на реформирање на Унијата и преговори за членство.
Не е историска грешка туку можност за да се забрза процесот на интеграцијата на овие земји, му одговори на својот колега францускиот амбасадор. Афирмативна е позицијата на Париз за скорешен датум, но можно е и постепено членство, според сопствениот ритам на реформирање.
Не е променет германскиот став за проширувањето. Земјата поради негативната одлука се соочи со политичка дестабилизација и предвремени избори, рече германскиот амбасадор Герберих, и затоа е неопходна реафирмација на пристапните преговори, а Берлин ќе помогне и во реформите.
За американската амбасадорка Брнз, земјата придонела во мировните операции преку партнерството со НАТО и преку претстојното модернизирање на одбранбениот сектор. Вашингтон е неподелен- за идниот 30-ти сојузник, Унијата треба да понуди пристапни преговори.
Според шефот на македонската држава, ратификацијата на НАТО протоколот во Шпанскиот парламент се најавува во почетокот на март. Пендаровски очекува усвојување на новата методологија на самитот во Загреб, каде што земјата треба да ги почне преговорите при хрватското претседавање. Одлуката, оценил претседателот е важна за оптимизмот во земјата која треба да спроведе фер, слободни и демократски избори во април.
Зоран Богатинов
