Одбрана

Последни подготовки за полноправно членство во НАТО

29.01.2020 12:31

Наша амбиција не е само да бидеме член на НАТО, туку да бидеме добро подготвена членка која целосно ќе ги исполни предностите на членството, изјави министерката за одбрана Шеќеринска на НАТО работилницата со британски претставници за поддршка при интеграцијата на домашниот систем со НАТО. Следните недели ќе бидат клучни за донесување на Законот за одбрана, што треба да биде донесен пред земјавата да стане 30-ти сојузник. Проценките се дека ратификацијата на протоколот за НАТО во Шпанија ќе заврши до почетокот на март...

Се прават последните чекори пред полноправното членство во НАТО со интеграција на нашиот систем во Алијансата, за што помагаат и британски претставници од седиштето во Брисел. Целта е земјава да покаже дека е способна да ги искористи привилегиите и моќта што ни ја дава сојузот. Следните недели се клучни за донесување на Законот за одбрана што треба да биде усвоен пред полноправното членство со двотретинско мнозинство.

„Оптимист сум дека двотретинско мнозинство за Законот за одбрана ќе има. Не можеме на крајот на процесот да се претставиме како несериозна земја. Ова ќе влијае на нашиот имиџ, на отвореноста со кои земјите членки ќе не прифатат и на следните години на нашето членство во НАТО“, изјави Радмила Шеќеринска, вицепремиер и министер за одбрана.

Северна Македонија наскоро ќе го заземе заслуженото место во НАТО, вели британската амбасадорка, додавајќи дека земјава има поддршка од Обединетото Кралство за евроатланската интеграција.

„Обединетото Кралство има силни билатерални односи со Северна Македонија. Имате наша поддршка за евроатланска интеграција. На денови пред полноправното членство во НАТО, делегација од Обединетото Кралство е во земјава за помош при интеграцијата. Поддршката ќе продолжи. Веќе има обука на Криволак и советник во Министерствиото за одбрана“, изјави британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј.

Полноправното членство на земјава во НАТО е приоритет и на Алијансата, бидејќи и од брисел и други земји-членки се испраќа порака до Шпанија за што побрза ратификација на протоколот, вели министерката за одбрана. Според последните проценки, процедурата за ратификацијата би требало да заврши до почетокот на март.

Ирина Гелевска