Реакции

Контрадикторни ставови за планот на Трамп

29.01.2020 13:19

Контрадикторни ставови за планот за решавање на Палестинското прашање на американскиот претседател Трамп. Вашингтон и Тел Авив со идентична оценка дека ова е добро решение, додека за Палестинците тоа е неприфатливо...

Палестинците го отфрлија мировниот план на Трамп, којшто американскиот претседател го нарече историски со шанса за прв пат да се создаде Палестинска држава. Во Серија протести тие повикаа на единство во осудата.

Треба да се обединиме против Трамп и против „Договорот на векот“. Палестинците благодарение на нивната обединетост и отпор успеаја да отфрлат десетици планови кои беа насочени кон уништување на нашите возвишени цели.“

Претходно и палестинските лидери го отфрлија планот со кој се предвидува создавање Палестинска држава на делови на Западниот брег, но му се дозволува на Израел да ги задржи сите еврејски населби на окупираната територија.

Сакам да им порачам на Трамп и на Нетанјаху дека Ерусалим не е за продажба, исто како што не се за продажба ниту нашите права. Договорот нема да помине“, изјави Махмуд Абас, претседател на Палестина.

Според американскиот план, Палестина би можела да биде поврзана со магистрални патишта со Јордан, иако западните делови би требало да останат под контрола на Израел. Трамп соопшти дека на овој начин Палестинците би можеле да добијат своја независна држава која би имала двојно поголема територија, но исто така според планот, Ерусалим би бил неделива престолнина на Израел.

Сакам да знаете дека ако го одберете патот на мирот, Америка и многу други земји ќе бидат со вас. Ќе бидеме тука да ви помогнеме на многу начини“, изјави Доналд Трапм, претседател на САД.

Овој политички потег, предизвика серија реакции низ светот. 

Анкара го отфрли мировниот план со оценка дека неговата цел е да се уништи решението за две држави и, како што соошти турското МНР, кражба на палестинската земја.

Сличен став има и Иран. Шефот на иранската дипломатија Зариф изрази надеж дека американската иницијатива ќе биде сигнал за аларм за сите муслимани и дека ќе ги натера да се обединат.

Либански Хезболах смета дека се нарушува правото на Палестинците да се вратат на својата земја и обвини некои арапски држави дека се соучесници во, како што се нарекува  „срамен договор” , кој му штети на регионот.

Европската унија останува на својот став во однос на Израелско- палестинскиот конфликт во потрагата по заеднички прифатливо решение за двете страни, во согласност со меѓународното право.

Обединетите нации, пак, соопштија дека се држат до нивните резолуции за формирање две држави кои живеат една покрај друга.

 

Марина Ристова