Нова средба за Законот за јавно обвинителство

03.02.2020 10:07

Партиите на ново соочување околу Законот за јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ изрично против предложеното решение, СДСМ оптимисти дека законот ќе биде донесен од овој собраниски состав...

Нова средба во поширок формат ќе се одржи денеска за надминување на разликите околу Законот за јавно обвинителство. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањата за законот, откако во петокот го повикаа Министерството за правда да организира средба со правните експерти кои дале забелешки на јавната расправа и заедно со нив да подготват амандмани на предлог- законот.

Вчера министерката Рената Дескоска ѝ порача на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ако мислат дека има потреба од измени на текстот на законот, да се посветат на подготовка на амандмани. Само така, вели, ќе покажат дека се подготвени да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвинетите и осомничените криминалци од нивните редови.

Останува да се види дали партиите ќе успеат да ги усогласат ставовите за да може да се донесе законот пред распуштањето на Собранието.

Според претседателот на Законодавниот дом, Талат Џафери, има деловничка можност предлог- законот да биде веднаш ставен на собраниска седница доколку текстот биде усогласен.