МНР: Македонска државјанка евакуирана од Вухан
Постапката е спроведена преку Франција, која за оваа намена организирала специјален лет, а авионот слетал во воена база на југот на земјата. Пред да го продолжи патот до дома, заедно со другите патници ќе биде 14 дена во задолжителен карантин.
Македонска државјанка е евакуирана од Вухан- соопшти Министерството за надворешни работи. Нејзината здравствена состојба е добра, без симптоми на Корона вирусот.
Постапката е спроведена преку Франција, која за оваа намена организирала специјален лет, а авионот слетал во воена база на југот на земјата. Пред да го продолжи патот до дома, заедно со другите патници ќе биде 14 дена во задолжителен карантин.
Во меѓувреме, здравствените власти во земјава се подготвени, бидејќи деновиве треба да се врати група македонски граѓани кои работат во Кина, а се на илјада километри оддалеченост од жариштето на Корона вирусот.
По нивното пристигнување, епидемиолозите ќе проценат дали има потреба да бидат под надзор.
Во земјава сѐ уште се чекаат дијагностички тестови за вирусот. Засега функционира термалната камера на Скопскиот аеродром. На граничните премини се делат информативни летоци за Корона вирусот.
