Коронавирус: За 24 часа нови 3.000 заболени во Кина, расте бројот на жртви
Во последното деноноќие уште речиси 3.000 нови случаи на заболени од коронавирусот. Досега починаа над 360 луѓе. Многу држави ги евакуираат граѓаните од провинцијата Хубеј каде што се појави заразата. Патниците под засилен мониторинг на аеродромите...

Уште една болница експресно изградена и отворена во кинескиот град Вухан поради смртоносниот коронавирус кој усмрти над 360 луѓе, а зарази повеќе од 17.000. Хонгконг најави ново затворање на границата, а Русија ги прекинува сообраќајните врски со Кина.
„Ова ќе ни дозволи да ги депортираме странските државјани доколку се дијагностицира ова заболување, но и да спроведеме специјални рестриктивни мерки, вклучувајќи изолација и карантин“, изјави рускиот премиер Михаил Мишустин.
Од Кина со авиони се враќаат евакуираните европски државјани.
„42 патници се вратени назад, 32 од нив се турски државјани, меѓу кои има и луѓе од Азербејџан, Грузија и Албанија. Во согласност со упатствата од научниот одбор се преземени сите неопходни мерки, вклучувајќи и носење заштитни маски и одела за време на летот“, изјави Фахретин Коча, министер за здравство на Турција.
Светската здравствена организација предупреди- не сме подготвени за пандемија, потребен е нов систем.
„Еболата и Коронавирусот покажуваат дека постојниот бинарен систем е слаб инструмент за справување со сложени вонредни ситуации. Има зелено, црвено светло и ништо помеѓу нив. Сега ни треба жолто светло, нови механизми бидејќи двоецот „да/не“ не е соодветен. Тој е премногу ограничен и прост“, вели д-р Тедрос Аданом Генрејесус, генерален директор на СЗО.
Покрај човечките жртви, Коронавирусот и зададе силен удар и на економијата. Изолацијата на Вухан и уште 16 градови во провинцијата Хубеј засегна 50 милиони луѓе. Епидемијата во најнаселената земја во светот ги уништи и локалните бизниси, а со сериозни последици се соочува и туристичката дејност откако нагло се испразнија најпознатите локации. Азиските здравствени служби работат неуморно на зголемување на надзорот и превенцијата со цел да се избегне кошмарот со САРС кој усмрти многу луѓе и предизвика загуба од педесетина милијарди американски долари.
„Кинеската економска сила е значително подобра од 2003-та година. Имаме капацитет да ја добиеме битката против епидемијата. Способни сме да го минимизираме влијанието на епидемијата“, вели Лијан Ваилианг, заменик-директор на Комисијата за национален развој и реформа.
Кинеското МНР ги обвинува САД за предизвикување паника и хистерија. „Во глобализираниот свет, судбините на сите земји се поврзани, во време на здравствена криза треба да соработуваме и да ги надминеме проблемите, а не да ја спроведуваме стратегијата „помогни си себеси наштетувајќи му на другиот “, порача шефицата на кинеската дипломатија во денешното соопштение.
Маја С. Филдишев
