Со одливот на мозоци, недостиг на инженери
Одливот на мозоци удри со недостиг од стручен кадар, инженери и работници во градежниот сектор, велат од Комората. Иако платите ги зголемиле, се жалат- нема кој да ги пополни местата. 2019-та била година на стагнација, во 2020-та очекуваат да се зголеми бизнисот. Потпишаа договор со научно- истражувачкиот сектор за поголем квалитет на градбите...
Градежниците очекуваат 2020-та да ја раздвижи градежната оператива, да го стабилизира пазарот, но стравуваат дека со миграцијата, кај голем дел од компаниите бизнисот ќе биде доведен на работ на опстанок. Велат, платите и неколкукратно ги зголемуваат, но инженери нема, им требаат и работници.
Градежниот сектор апелира, ако не се прилагодат законите и подзаконските акти, и не се прифати имплементирање на еврокодовите со кои треба да се изедначат критериумите за проектирање на објектите, компаниите, институтите и факултетите ќе станат нефункционални со влезот во ЕУ. Велат, државата мора да реагира, а во последен момент да не се препишуваат туѓи критериуми.
Од Комората со став- стручноста на домашните експерти не е доволно искористена, законите за градба и планирање не се донесени, кај градежните материјали има проблем со имплементација.
Градежниците се согласни- инвеститорите ако сакаат дозвола за градба да се обврзат објектот да биде приклучен на парно, што од минатата недела го форсира Регулаторната комисија за енергетика. Велат, ова нема да влијае на ценовната политика.
Сега просечната цена на становите се движи околу 1.000 евра за квадрат во скопски Центар, а необичен е податокот за зголемено изнајмување на деловни простории во Битола.
Сузана Фиданска- Стоевска
