Грипот ги полни болниците, се следи состојбата со Коронавирусот
Земјава се бори со грип. 200 деца биле прегледани за едно деноноќие. Здравствените власти со мерки и против коронавирусот. Надзор и за патниците кои доаѓаат од Доха...
Грипот ги полни болниците- во амбулантите на Детската клиника за едно деноноќие биле прегледани двесте дечиња, а десетина се хоспитализирани. Во болницата засега нема деца со потешки компликации од грипот. За да се спречи ширење на инфекцијата, лекарите со апел до родителите да не ги носат прерано децата во болница.
„Прераното носење на пациентите во нашите чекални секако ќе значи ризик од средби со други деца кои имаат фебрилна состојба. Целта е да се заштитат децата кои имаат хронични инфекции, кои имаат проблеми во имуниот систем, да се справат со вакви инфекции, а не децата кои се здрави и кај кои вирозата ќе помине лесно“, изјави д-р Наташа Алуловска, директор на Клиниката за детски болести.
Додека грипот ги полни болниците, здравствените власти преземаат мерки за за заштита од смртоносниот Коронавирус. Освен патниците кои доаѓаат со летовите од Истанбул и Дубаи, на Скопскиот аеродром под надзор е летот од Доха. Викендов биле прегледани две лица кои дошле од Кина со авион од Белград, но немале симптоми на Коронавирусот.
„Во текот на викендот имавме два влеза на лица кои дошле од Белград, лет што не е под надзор, но лицата доаѓале од Кина, и бидејќи не е предвидена камера лицата не биле скенирани, но од граничната полиција било утврдено дека доаѓаат од Кина, затоа е повикана аеродромската здравствена екипа, измерена им е темпратура и патниците се здрави и немаат симптоми, со препораки се пуштени“, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
Македонската државјанка која беше евакуирана од Вухан е под здравствен надзор во Франција. Таму ќе остане во наредните 14 дена. Кузмановска вели земјава е подготвена да се справи со ризикот од Коронавирусот. Дополнително ќе биде набавена заштитна опрема, маски, ракавици, мантили.
Андријана Атанасовска
