Повисока пензија за 722 денари на 324 илјади пензионери

04.02.2020 12:42

На средбата со претставници на Сојузот на пензионери, вицепремиерктата Царовска посочи дека со реформата заштедени се двојно повеќе финансиски средства. Се очекувало две милијарди денари, а биле заштедени 3,7 милијарди.

Зголемување од 722 денари ќе добијат пензионерите со исплатата на јануарската пензија во месец февруари. На средбата со претставници на Сојузот на пензионери, вицепремиерктата Царовска посочи дека со реформата заштедени се двојно повеќе финансиски средства. Се очекувало две милијарди денари, а биле заштедени 3,7 милијарди.

„Увидовме дека двојно повеќе средства се заштедени со реформата која ја имплементиравме, очекувавме заштеда од 2 милијарди денари, а заштедени се 3,7 милијарди денари, што е сигнал дека има одржливост во растот на пензиите“, нагласи вицепремиерката Царовска.

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери Станка Трајкова посочи дека со измените и дополнувањата на законот за пензиско и инвалидско осигурување во декември се утврди дека пензиите се усогласуваат и со порастот на платите се разбира под одредени услови.

„Овој износ ќе се користи неограничено, месечно и ќе претставува основа за усогласување на другите зголемувања што ќе следуваат во иднина“, изјави Трајкова.

Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурувањем Шаип Зенељи истакна дека реформите кои се спроведуваа во изминатите три години, почнаа да ги даваат резултатите и токму затоа се и покачени пензиите.