Курти: Се отвора ново поглавје за Косово
Косово ја формира новата влада. Премиерот Курти во обраќањето изјави дека се отвора ново поглавје за Косово. Најави дека фокусот на новата влада ќе биде отворањето нови работни места и запирање на корупцијата. Во кабинетот на Курти е и Блерим Река, како министер за евроинтеграции...

Косово доби нова влада откако пратениците во Собранието ги прифатија предлозите за кандидати за министерски позиции на коалицијата на движењето Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово.
Премиерот Албин Курти по преземањето на должноста изјави дека се отвора ново поглавје за Косово и дека било остварено невозможното, додавајќи дека победиле граѓаните. Истакна дека новата влада помалку ќе троши на привилегии, а повеќе на проекти. Најави дека фокусот ќе биде на отворање нови работни места и запирање на корупцијата.
„Народот победи. Ќе сториме се што е во наша моќ за да го слушнеме гласот на граѓаните без оглед на тоа за кого гласале“, нагласи Курти.
Кабинетот на Курти ќе има 15 министерства. Две од нив се предвидени за Српска листа. Понатаму ќе има двајца потпретседатели и 33 заменици министри.
Во кабинетот е и Блерим Река како министер за европски интеграции. Овој професор по меѓународни односи беше кандидат на последните претседателски избори во Македонија.
Новиот премиер најави дека од Србија ќе бара одговорност за воените злосторства и надомест за воена штета. Рече дека е подготвен за дијалог со Белград, но со поширок политички консензус. Меѓудругото најави воведување задолжителен воен рок и донесување закон за одземање на нелегално стекнат имот.
Досегашниот вршител на должноста премиер Харадинај порача дека изборот на новата влада е добра вест за сите косовски граѓани и изрази верба дека новата влада успешно ќе се соочи со темите кои се значајни за граѓаните на Косово.
Марина Ристова
