Без ни малку свест продолжува палењето на водната трска во Струга
Со самото уништување на трската се уништува екосистемот на Охридското езеро но и биодиверзитетот. Иако досега неколку пати е апелирано сепак овој тренд на палење на трската продолжува...

Алармантна е состојбата со уништувањето на трската од Охридското езеро. Според податоците кои се вршат десеттина години на назад, на потегот од Струшко-Радожда па се до Св.Наум во Охрид, до сега се ископачени околу 70 хектари од оваа важна алка на езерото - трската.
„Ова не е првпат и ова не е прва година во овој период од годината да се атакува врз трските и тие да се сечат, да се палат и после тоа тие да се тампонираат. Но како изминуваат годините подрачјето што е зафатено е се поголемо и сега скоро и да е навлезено во границите на археолошкиот локалитет Врбник“, изјави Сашо Цветкоски директор на музејот во Струга.
Нај драматична е состојбата на потегот Струга-Калишта каде од ова водно растение е уништено 90 илјади квадратни метри. Еколозите алармираат со црвено светло.
„Палењето на трските е поблага форма на оштетување на просторот, но тоа е како предуслов за насипување потоа. Како што гледаме тука на ова место некогаш беше езеро, а сега веќе имаме изградени објекти. И покрај кажувањето дека сите тие ќе бидат срушени, меѓутоа сега најверојатно сакаат и да ги опитомат со општински акт најверојатно“, вели екологистот Мате Гогоски.
Трската прво се пали, потоа се фрла врз неа градежен шут за потоа да се узурпира како земјиште за градење на шанкови, марини и слично. Проблемот е уште поголем што на ова место се наоѓа и најголемиот подводен локалитет Врбник.
Палењето на трската на струшкото крајбрежје е се почеста појава. Но, она што најмногу загрижува е токму не грижата на општинските власти. И порај обидите на Македонската телевизија да стапи во контакт со нив, но од таму како и секогаш, молк.
Јованчо Наумоски
