Политика

ВМРО-ДПМНЕ со предлог за распуштање на Собранието на 12-ти февруари

04.02.2020 15:52

По најавата на Заев дека е можно пролонгирање, ВМРО-ДПМНЕ со предлог за распуштање на Собранието на 12-ти февруари. Мицкоски бара да се послушаат експертите, Министерството за правда повика партијата да достави амандмани. Премиерот Спасовски очекува да надвладее разумот и да се донесе Законот за јавно обвинителство...

Бегањето на Зоран Заев од избори е бегство од соочување со одговорноста, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и најави дека неговата партија ќе поднесе иницијатива за распуштање на Парламентот на 12-ти февруари. Според него, изјавата на Заев дека е можно пролонгирање на распуштањето поради Законот за јавно обвинителство, покажува дека првиот човек на Социјалдемократите е подготвен државата да ја стави во заложништво и да предизвика политичка криза. Предлага шест професори да изготват нов закон.

Лидерот на Социјалдемократите, Заев останува на ставот да се пролонгира распуштањето на парламентот за да се донесе Законот за јавно обвинителство. Според него, ВМРО- ДПМНЕ не сака законот да се донесе, а помалите парламентарни партии доставиле предлози за измени кои се издржани.

Премиерот Оливер Спасовски повика да се вложат максимални напори за продолжување на дијалогот со што ќе се стигне до компромис. Не очекува одложување на изборите.

Продолжуваат консултациите со пратеничките групи околу Предлог- законот за јавното обвинителство, велат од Министерството за правда. Потенцират дека е несериозно да се бара изготвување на нов текст на закон бидејќи работната група го подготвувала сегашниот повеќе од две години, а веќе една година помина откога се почнати преговорите.

 

Миле Ристески