Седум години од пожарот на Трескавец- конаците обновени, се чека водовод
Поминаа седум години од катастрофалниот пожар што ги пеплоса конаците на манастирот Трескавец. Возобновата е речиси при крај...
Светски познатиот манастир кај Прилеп на преку 1.200 метри надморска височина, Трескавец, чека да блесне во сиот сјај, точно седум години по последниот катастрофален пожар кој ги пеплоса манастирските конаци.
Конаците се речиси обновени, вметнати се сите барања за противпожарна заштита и за стабилност на комплексот, но за официјалната употреба се чека на доведувањето водовод до Манастирот. Проектот на прилепската општина постои 7 години, ама мора да се впрегне локалната заедница. Оттаму велат дека аплицирале за проектот вреден 6 милиона денари и очекуваат одговор од институциите.
Единствениот жител на манастирт, отец Калист, е со цврсти надежи. Станува збор за каптажа во „Расадникот“, старата чешма што пред век и половина ја изградил познатиот прилепчанец Христо Бомбол. Тоа е на околу 500 метри од Манастирот и водоводот треба да се качи до Трескавец, низ карпите. Потребен е резервоар со капацитет од околу 90 метри кубни вода.
Надлежните треба да решат: има ли средства, ќе се реализира ли проектот за до празникот на Манастирот , „Успение на пресвета богородица“ на 28 август да стигне водоводот до Манастирот.
Трескавец е вековно, култно, духовно место за жителите од Пелагониско. Уште од антиката, преку средновековието на луѓето им ја дарувал духовната сила преку силните верувања. Го посетуваат туристите и поклониците од сите континенти.
Елизабета Митреска
