Евроинтеграции

Нова методологија: Напредокот во преговорите ќе зависи од реформите

05.02.2020 12:45

Во Европската Комисија, еврокомесарот Оливер Вархеји ги обајвува деталите од ревидираната методологија за преговори. Темпото на преговори на земјата кандидат да зависи од спроведувањето на реформите, повторно отврање на веќе затворените поглавја, монжност преговарачкиот процес да се стави во мирување или суспензија- ова се дел од критериумите...

Силна перспектива за полноправно членство во ЕУ, базирана на заслуги е фокусот на новата методологијата за преговарачкиот процес што ја предлага Комисијата. Се предвидува темпото на преговори на земјата- кандидатка да зависи од спроведувањето на реформите, при што може да има повторно отворање на веќе затворени поглавја и во екстремни случаи, преговорачкиот процес да се стави во мирување или да се суспендира, ако наместо напредок, има назадување.

Кандидатките ќе се поттикнуваат со зголемена финансиска помош и инвестиции и поблиска интеграција со ЕУ во областите каде што има напредок. За преговорите да бидат подинамични, наместо 35 поглавја, преговарачкиот процес ќе се води по 6 групи поглавја: основни, внатрешен економски пазар, конкурентност и раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси и земјоделство и надворешни односи.

Отворањето на една група поглавја ќе се случи кога земјата кандидатка ќе ги исполни критериумите за почеток на преговорите по сите предвидени области. За поголема предвидливост на преговорите, Европската комисија ќе даде јасен патоказ за реформите што треба да се исполнат со секоја група поглавја.

Оваа комисија постави конкретни предлози за зацврстување и засилување на пристапниот процес за да се обноват кредибилитетот и вербата на двете страни и да предизвика подобри резултати на терен. Предложените измени можат да се вклопат во веќе постојната преговарачка рамка. Клучната цел на ЕУ е да ги подготви земјите од Западниот Балкан да ги достигнат сите услови за членство, вклучувајќи поддршка на фундаменталните демократски реформи, владеење на правото и економски реформи.

Во предложената нова методологија се бара лидерите од регионот да испорачаат поголема посветеност за спроведување на фундаменталните реформи, како владеење на правото, борба против корупцијата, добро фунционирање на демократските институции и јавната администрација, економијата и надворешната политика.

Се очекува по претставувањето, земјите- членки на ЕУ до 24-ти март да ја усвојат новата методологија, за да може да се даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија на Советот за општи работи на 26-ти и 27-ми март.

 

Ирина Гелевска