Вашингтон

Трамп: Нашата нација е посилна од кога било

05.02.2020 13:48

Во говорот за состојбите на нацијата, претседателот на САД ги повтори заложбите за завршување на речиси дводецениската војна во Авганистан. Нашата нација е посилна од кога било- рече Трамп. Претседателката на Преставничкиот дом, Пелоси драматично го искина примерокот од неговиот говор, тој одби да се ракува со неа...

„Нашата нација е посилна од кога било“, рече американскиот претседател Доналд Трамп во говор за економската состојба во државата. Пред двата дома на Конгресот, Трамп рече дека пред три години почнало големото враќање на Америка, додавајќи дека поминале годините на економско назадување и дека никогаш повеќе нема да се вратат назад.

Нагласи дека рекорден број млади имаат работа, и дека невработеноста на ветераните паднала на рекордно ниско ниво.

Нападна дел од предлозите на демократите за здравствени реформи, со порака дека нема да дозволи социјализмот да го уништи американското здравство. Се пофали со мировниот план за Блискиот исток.

Минатата недела објавив до сега невиден план за мир меѓу Израел и Палестинците. Треба да признаеме дека сите обиди во минатото беа неуспешни, и мора да бидеме решителни во намерата да го стабилизираме регионот и да им дадеме шанса на милиони млади за подобра иднина“- рече Трамп.

Третото и можеби и последно годишно обраќање беше шанса да испрати порака за евентуален реизбор на функцијата.

Единствените победи коишто се важни овде во Вашингтон, се победите за Американците“- нагласи Трамп.

Говорот на Трамп во очи гласањето за импичмент беше засенет од инцидент со претседателката на домот, Ненси Пелоси, која го искина својот примерок од обраќањето на претседателот, како јасен политички гест откако го ислуша неговиот говор. При пристигнувањето, Трамп го прекрши воспоставениот ред и не се ракуваше со Пелоси која како спикер на Претставничкиот дом го покрена процесот на отповикување. Својот говор го заврши со зборовите „најдоброто следи“.

Моментот кој предизвика овации на припадниците и на Демократската и на Републиканската партија беше кога трамп го претстави својот гостин, венецуелскиот опозициски лидер, Хуан Гуаидо, кого го нарече вистински и легитимен претседател на Венецуела.

 

Марина Ристова