Изложба „Охрид/ поглед од другата страна“ во Музејот на Македонија
На изложбата ќе бидат поставени ликовни дела и фотографии на група на психијатриски пациенти, коишто земаа учество во две работилници и за коишто беше организиран тридневен престој во Охрид и разгледување на неговото културно наследство.
Во Музејот на Македонија, денеска се отвора изложбата „Охрид/ поглед од другата страна“. Поставувањето на изложбата е организирано од Центарот за креативни индустрии од Суводол, Демир Хисар, во соработка со Музејот, кој го отстапува изложбениот простор.
На изложбата ќе бидат поставени ликовни дела и фотографии на група на психијатриски пациенти, коишто земаа учество во две работилници и за коишто беше организиран тридневен престој во Охрид и разгледување на неговото културно наследство. Преку практична работа, учесниците имаа можност добиените знаења, созреани низ личното доживување, низ спознанието и идејата за културното богатство, да ги преточат во визуелна форма.
Изложбата се реализира во рамките на проектот „Многу луѓе - многу погледи“, којшто беше селектиран помеѓу десетте најдобри приказни на повикот „Приказни за европското културно наследство“ од страна на програмата „Европски денови за културното наследство“, поддржана од Советот на Европа и Европската комисија.
Целта на приказната е да се претстави и сподели македонското културно наследство, како дел од заедничкото европско наследство, преку очите на една маргинална група.
