Темпо на преговори врз основа на реформите, враќање на почеток ако нема успех
Преговарачкиот процес ќе почне и ќе заврши со владеење на правото, а темпото ќе зависи од спроведувањето на реформите. Европската Комисија ја објави ревидираната метододлогија. Ќе има повторно отворање на веќе затворените поглавја, но и суспензија или мирување на преговарачкиот процес. Ако има уназадување еврокомесарот Вархеји потврди- проценката на Комисијата за Северна Македонија и Албанија е валидна, ќе се работи на одлуката пред самитот во мај...
Силна перспектива за полноправно членство во ЕУ, базирана на заслуги е во фокусот на новата методологијата за преговарачкиот процес што ја предлага Комисијата. Се предвидува темпото на преговори на земјата- кандидатка да зависи од спроведувањето на реформите, при што може да има повторно отворање на веќе затворени поглавја и во екстремни случаи преговорачкиот процес да се стави во мирување или да се суспендира, ако наместо напредок, има назадување. Кандидатките ќе се поттикнуваат со зголемена финансиска помош и инвестиции и поблиска интеграција со ЕУ во областите каде што има напредок.
„Супендирање на фондовите е една од алатките што ја имаме и ќе ја користиме во случај ако е неопходно. Во користењето на сите овие негативни инструменти, мораме да биде пропорционални. Може да има суспендирање на фондовите или повторно отворање на поглавјата кадешто има назадување. Ова не е само прашање за Франција, туку и за ЕУ“, изјави еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји.
За преговорите да бидат подинамични, наместо 35 поглавја, преговарачкиот процес ќе се води по шест групи поглавја: основни, внатрешен економски пазар, конкурентност и раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси и земјоделство и надворешни односи. Отворањето на една група поглавја ќе се случи кога земјата кандидатка ќе ги исполни критериумите за почеток на преговорите по сите предвидени области. За поголема предвидливост на преговорите, Европската Комисија ќе даде јасен патоказ за реформите што треба да се исполнат со секоја група поглавја.
„Со поглавјата се донесува условното отворање почнувајќи со владеењето на правото. Значи прво ќе ја отвориме групата поглавја со владеењето на правото и целосно ќе ја затвориме.Ова ќе обезбеди континуирано мониторинг на целиот процес. За Западниот Балкан имаме понуда ако земјата е подготвена со реформите пред почетокот на преговорите, ние сме подготвени да ги затвориме сите поглавја во таа група за една година“, нагласи Вархеји.
Проценката на претходната Европска Комисија за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е валидна и работиме на донесување одлука пред Самитот во Загреб во мај, изјави еврокомесарот за проширување Вархеји.
„По комуникациите за ревидираните извештаи за Северна Македонија и Албанија што се надевам ќе бидат овој месец, сега работиме да го забрзаме напредокот во овие две држави за да можеме да имаме одлука за почеток на пристапни прегоовори пред Самитот во Загреб“, рече еврокомесарот Вархеји.
Земјите- членки на ЕУ до 24-ти март треба да ја усвојат новата методологија, за да може да се даде зелено светло за почеток на преговори со земјава и Албанија на Советот за општи работи на 26-ти и 27-ми март.
Ирина Гелевска
