Врачена наградата „Григор Прличев“
По повод 127 годишнината од смртта на големиот македонски поет и преродбеник Григор Прличев, во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“ денеска на поетот и писателот, Стево Симски му беше врачена повелбата за најдобра поема во 2019 година. Од пристигнатите девет дела, жири комисијата ја одбра неговата поема „Таинство на богомилите“.
За делото „Таинство на богомилите“ на авторот Стево Симски денеска му беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2019-тата година. Тој изрази задоволство и гордост што наградата ја добива во годината кога се одбележуваат и јубилеите 190 години од раѓањето на ловороносецот и 160 години од издавањето на поемата Сердарот.
„Со таинството на богомилите сакам да чепнам во нешто што малку и ние го подзаборавивме, па ќе го учиме изгледа подоцна од она што го прават французите, од она што е однесено од овде, катарите најдобро го знаат, тоа е женската енергија или слоганот кај нив е слобода, еднаквост, братство и љубов“, изјави Стево Симски, добитник на наградата „Григор Прличев“.
Според жири комисијата поемата „Таинство на богомилите“низ една асоцијативност ни открива проблематика која што умешно комуницира со важни сегменти од македонското историско минато, со корените на словенската писменост и загадочното движење кое проникнало од Македонија.
„Тоа е богомилското движење во чија што основа се што се идентификува со материја се идентификува со дијаболизмот за да понатаму низ едни прекрасни слики, симболи во посебни поетски наративни минијатури го открива дејството кое што е многу добро разработено низ повеќе сегменти“, вели Маја Јакимовска Тошиќ- член на жири комисијата.
Прличевите беседи продолжуваат утре кога на спомен обележјето на Прличев ќе биде положен ловоров венец и ќе се отслужи панихида на неговиот гроб. Исто така ќе биде промовирана книгата „Антологија на ловорот“ чии приредувачи се Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, додека манифестацијата ќе се заокружи со настанот „Лични навраќања кон Григор Прличев“ од Вера Стојчевска Антиќ и традиционалната Охридска визита.
Сашо Нелоски
