САД

Сенатот го ослободи Трамп од обвинувањата

06.02.2020 13:22

Сенатот го ослободи американскиот претседател Доналд Трамп од обвиненијата во случајот за негово отповикување. Демократите го обвинија за злоупотреба на функцијата и за попречување на истрагата на Конгресот. Трамп е третиот претседател кој е изнесен пред Сенатот за импичмент и единствениот кој бара нов мандат...

„Засекогаш ќе бидам претседател“, се огласи американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи откако триумфираше во Сенатот во судењето за негово отповикување од функција. Исходот за процесот инициран од демократите беше очекуван поради доминантноста на неговите републикански сопартијци во ова тело. Единствениот којшто не му даде целосна поддршка на Трамп беше Мит Ромни, сенаторот од Јута, кој гласаше за осуда поради злоупотреба на функцијата. Второто обвинување кое се однесува за попречување на работата на Конгресот беше отфрлено со 53 гласа.

„Претседателот има највисок рејтинг од почетокот на мандатот. Нема да предвидувам што ќе биде најголемото прашање во ноември, но ова е политички пораз за нив. Го иницираа, мислеа дека е добра идеја, а се покажа како колосална грешка. Бев изненаден и разочаран од Ромни, но во добра позиција сме и во трките за Сенатот и во претседателската трка во однос на ова прашање. До ноември ќе има и други важни прашања, но ние сме во многу добра форма“, изјави Мич Меконел, лидер на мнозинството во Сенатот.

„Сега откако републиканците отфрлија фер судење, вистината, постои огромна ѕвездичка до објаснувањето за ослободувањето на претседателот. Под таа ѕвездичка е наведено – ослободен без факти. Тој беше ослободен без праведно судење. А тоа значи дека неговото ослободување нема вредност.  Го поздравувам Мит Ромни. Притистокот беше преголем врз секој републиканец“, рече  Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот.

Демократите ја почнаа постапката во декември тврдејќи дека Трамп привремено ја запрел исплатата на воената помош за Украина барајќи Киев да спроведе истрага против Џо Бајден, еден од противниците на претстојните избори во САД. Сега најавуваат судска покана за поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон поради дел од необјавениот мемоар во кој наводно се споменуваат контроверзни инфорамции за Трамп и врската со Киев.

По Клинтон и Џонсон, 45. претседател е третиот челник на Белата куќа кој е изведен на судење за импичмент во Сенатот, но е единствениот кој ќе бара нов мандат.

Маја С. Филдишев