Политика

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ блефира, не сака да биде донесен Законот за јавното обвинителство

06.02.2020 14:30

ВМРО-ДПМНЕ блефира со иницијативата и не сака да биде донесен Законот за јавното обвинителство, велат од СДСМ. За опозицијата е неприфатливо носење партиски закон, а притоа власта не сака да ги прифати експертските забелешки...

ВМРО-ДПМНЕ со поднесување на иницијативата за распуштање на Собранието блефира. Ќе сторат се за да не се донесе Законот за јавно обвинителство, велат од СДСМ. Според Јован Митрески, сѐ уште има време да се донесе законот. Засега се сигурни во гласањето на 50-те пратеници на СДСМ и покрај тоа што останатите партии учествуваат во изработката на законот со свои предлози.

ВМРО- ДПМНЕ е против носење на партиски Закон за јавното обвинителство, односно онаков каков што нуди власта, вели координаторот Никола Мицевски. Според него Дескоска не е подготвена да ги почитува забелешките од експертите. Го повика спикерот Џафери да го стави на седница предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Парламентот на 12-ти февруари.

Законот за јавно обвинителство треба да се донесе- вели првиот човек на Алијансата на албанците, Зијадин Села. Задоволен е што поголем дел од нивните забелешки биле прифатени од Министерството за правда.

Додека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот експерти да подготват комплетно нов закон, владејачката СДСМ е убедена дека законот може да биде донесен во овој парламентарен состав со мало одлагање на рокот за самораспуштање на Собранието.

Миле Ристески