Реакции

Новата методологија на ЕУ има олеснувачки и отежнувачки елементи

06.02.2020 14:41

Новата методологија за преговори има олеснувачки и отежнувачки елементи, оценуваат од Институтот за европска политика анализирајќи ја обновената методологија за преговарачкиот процес. Земјите- членки ќе имаат повеќе можности за вето, а олеснувачки е што поглавјата се групирани, оценуваат од Институтот. Првите луѓе за евроинтеграции и дипломатија, Османи и Димитров на средбите со актуелниот претседавач со Унијата, Хрватска, сметаат дека новата методологија отвора можност за почеток на преговори во првата половина од годината...

Новата методологија за преговори што ја предложи Европската комисија има охрабрувачки, но и отежнувачки елементи, оценуваат од Институтот за европска политика. Се задоволуваат француските барања, но во поблага форма.

Формирањето на групи поглавја е едно од овие барања што го отежнува преговарачкиот процес, поради поголемата условеност и воведување на економски критериуми и акциски планови-патокази за демократските институции и јавна администрација, покрај поглавјата 23 и 24 кои досега први се отвораа. Групирањето на поглавјата ги намалува можностите за вето од земјите-членки, но останува едногласноста при носењето одлука за отворање и затворања на поглавјата, што го прави преговарачкиот процес политички и технички посложен.

Добра вест за земјава е што групите поглавја се според спогодбата за стабилизација и асоцијација, каде ние како земја- кандидатка веќе отидовме доста напред и ако успееме да го искористите моментумот со реформите, брзо ќе напредуваме во преговоорите за членство, оценува Кацарска.

Ден по објавувањето на новата методологија за преговори, актуелниот претседавач со ЕУ ги повика првите луѓе за евроинтеграција на консултации во Загреб. Хрватското претседателство со Унијата ќе биде клучно за евроинтеграцијата на регионот, истакнале вицепремиерот за европски прашања Османи и шефот на дипломатијата Димитров на средбите во Хрватскиот сабор.

Новата методологија за преговори оценета како можност за почеток на преговорите во првата половина од 2020-та. Обновениот пристап носи повеќе бенефиции за реформаторите и повеќе санкции за оние земји кои што одат назад врз основа на кредибилна објективна оценка, чекор што државава одамна го посакуваше, вели Димитров.

Ирина Гелевска