Проекти

Ќе се гради нов далековод кон Албанија

07.02.2020 12:40

Потпишани договори за нови инвестиции во енергетската мрежа. Ќе се гради нова транформаторска станица во охридскиот регион, но и далековод кон Албанија, последната земја од регионот со која досега немавме електроенергетска врска. Проектите се вредни 35 милиони евра.

Нови инвестиции во македонската енергетска мрежа. Почнува изградбата на нов 400 киловолтен далековод кон Албанија, на нова трансформаторка станица кај Охрид, а ќе се работи и на проширување на станицата Битола 2. Домашната МЕПСО ги потпиша договорите со „Енергоинвест“ од БиХ и со „Кончар“ од Хрватска за реализација на проектите, вредни 35 милиони евра.

„Регионалното поврзување на електропреносните системи е долгорочен и стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност што е основа за секоја просперитетна еконоија“, изјави Ева Шуклева, генерална директорка на МЕПСО.

Албанија е последната земја од регионот со која досега немавме електроенергетска врска. Новиот далековод е дел од Коридорот 8 и ќе овозможи транзит на енергија од Бугарија, преку земјава до западниот сосед, а потоа и до Италија. ЕБОР оценува дека со ова се комплетира и последната алка што недостига.

„Проектот е важен од две причини. Прво е симболика, почнува од една и минува низ три земји од Западен Балкан и завршува во ЕУ, така што тоа практично покажува дека земјите од регионот припаѓаат на ЕУ. Втората причина е што ќе одигра голема улога во развојот на регионалниот пазар“, изјави Анди Аранитаси, директор на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје.

Новата трансформаторка станица, пак, треба да ги задоволи потребите на граѓаните и на компаниите од Охрид и регионот во наредните 3 декади.

„Со изградбата на новата трансформаторска станица кај Охрид ќе се надминат проблемите во југозападниот дел од преносната мрежа. Ова е порака до домашните и странските бизнисмени дека создавање одлични услови за работи и сите потреби ќе им бидат задоволени“, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Проектите се реализираат со финансиска поддршка ЕБОР и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан.  

 

Мартин Пушевски