Расте бројот на заразени патници од Коронавирус на крузерот во Јапонија
3.700 патници, меѓу нив и тројца македонци, задржани во карантин на брод во пристаништето Јокохама поради Коронавирусот. 61 патник на крузерот е заразен. Во Кина почина лекарот кој прв предупреди на смртоносниот вирус, од кој досега починаа над 600 лица, а повеќе од 30 илјади се инфицирани...

Уште десетици патници на бродот за крстосување во Јапонија се инфицирани со Коронавирусот, со што вкупниот број на заразени на бродот достигна 61 лице, додека 3.700 луѓе остануваат во карантин на бродот. Меѓу нив има и тројца македонски државјани.
„Работите се менуваат буквално од час во час. Најголемата промена секако е тоа што има нови 41 случај на заболени. Едниот од нив ни е пријател, кој е на меден месец со сопругата. Сега се одделени и тој ќе биде хоспитализиран во медицинска установа“, изјави Дејвис Абел, патник на бродот „Дајмонд Принцес“.
„Повеќе луѓе излегоа позитивни на тестирањата од новиот Коронавирус. Се подготвуваме да ги пренесеме во болници во повеќе префектури“, изјави Катсунобу Като, министер за здравство на Јапонија.
273 лица покажале симптоми на болест, како кашлица и треска, или имале контакт со луѓе со симптоми. Во јапонија има најмалку 86 случаи на смртоносниот коронавирус, кој првично се појави во кинескиот град вухан. Болеста оттогаш се рашири во 25 други земји пирум светот.
Светската здравствена организација соопшти дека меѓународната заедница сѐ уште има шанси да го запре ширењето на новата епидемија, додавајќи дека остатокот од светот би требало да работи на спречување на ширењето и на контролирање на заразата.
Кинескиот лекар кој прв предупреди за коронавирусот и за чија смрт пристигнуваа контрадикторни извештаи, почина од последици од вирусот.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во телефонски разговор со американскиот претседател Трамп рекол дека земјата е целосно е способна да ја запре епидемијата на коронавирусот.
Трет случај на заболен од вирусот е потврден во Италија. Италијански граѓанин бил еден од педесетте лица евакуирани од кинескиот град Вухан.
Марина Ристова
