Здравство

Коронавирус: Се следи состојбата на Македонците во карантин

07.02.2020 14:12

Тројца македонски државјани на бродот во Јапонија и уште еден во Франција се во карантин, потврди министерот за здравство Филипче. Пред да заминат од земјите мора да бидат 14 дена во карантин. Се чекаат дополнителни информации за нивната здравствена состојба...

Сѐ уште не се знае каква е здравствената состојба на тројцата македонски државјани кои се меѓу патниците на јапонскиот крузер. Сите се во карантин на пристаништето во градот Јокохама, откако се утврди дека меѓу патниците има заразени со Коронавирусот.

Уште еден македонски граѓанин е во карантин во Франција.

Властите во земјава очекуваат информации од тамошните здравствени организации, кога нашите државјани ќе можат да се вратат во државата. Министерот Филипче при отворањето на новиот оддел на Неврохирургија рече дека имал средба со кинескиот амбасадор. На педесет кинески државјани кои работат во земјава преку компанијата Синохидро, а сега се во матичната земја, им било советувано да го одложат доаѓањето.

„Од тие 50, тројца се од критичниот регион. На сите граѓани кои се упатуваат на патување надвор од земјата од тој критичен регион им се препорачува пред излезот 14 дневен карантин. Значи, кинеските власти на соодветен начин се обезбедиле дека ќе испратат надвор на патување само здрави лица кои го поминале периодот на инкубација, што е за поздравување“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Филипче очекува известување од Кинеската амбасада кога работниците од Кина ќе се упатат во нашата земја, за да можат епидемиолозите да ги преземат мерките за скрининг. Доколку има потреба ќе се анализира и крвта на кинеските државјани за да бидат сигурни дека ниту еден заразен нема да влезе во нашата земја.

Во меѓувреме на Скопскиот аеродром на термална камера се проверуваат сите патници кои во земјава доаѓаат со летовите од Дубаи, Доха и Истанбул.

 

Андријана Атанасовска