Реновиран стационарниот оддел на Клиниката за неврохирургија

07.02.2020 13:47

Секоја болничка соба ги задоволува стандардите – велат надлежните. Се најавува и хибридна сала, каде што пациентите ќе добиваат услуга наместо да се транспортираат на Радиологија или Кардиологија.

Реновиран е стационарниот оддел на Клиниката за неврохиргија. Ова ќе значи подобра здравствена услуга за пациентите. Секоја болничка соба ги задоволува стандардите – велат надлежните. Се најавува и хибридна сала, каде што пациентите ќе добиваат услуга наместо да се транспортираат на Радиологија или Кардиологија.

Комплетно се реновирани сите десет болнички соби, од кои најголем дел се преадаптирани во двокреветни соби со изградба на посебни тоалети и бањи и се претворени во еден вид апартманско болничко сместување. Направена е и целосна имплементација на инсталација за медицински гасови со одводни ампели до сите болнички кревети и соби, а преадаптирана е и собата за полуинтензивно лекување која по отворањето на хибридната сала, во рамки на проект на Министерството за здравство ќе биде во состав на новоформираниот оддел за ендоваскуларна хирургија, изјави д-р Владимир Рендевски, директор на Клиниката.

Рендевски посочи дека во соработка со Институтот за радиологија на обука се двајца специјалисти, кои предводени од Филипче, како прв хибриден неврохирург во регионот би претставувале, како што рече, предизвик за решавање на комплексната проблематика од оваа патологија.

Со донација од компанијата „Макстил“ е реновирана и детската соба на одделот, набавени се нови болнички кревети, а е изградена и бања со тоалет и чајна кујна за најмладите пациенти.