Политика

Спасовски: Државните интереси да бидат во преден план

07.02.2020 15:00

Премиерот Спасовски не губи надеж дека е можен договор меѓу власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство до распуштање на Собранието. Апелираше државните интереси да бидат во преден план. Нема компромиси за правна држава. Избори ќе има на 12-ти април, велат од ВМРО-ДПМНЕ. На седница само усогласен Закон за јавно обвинителство, категоричен спикерот Џафери...

Кога ќе проценам, тогаш ќе свикам седница на владата за Законот за јавно обвинителство- вели премиерот Оливер Спасовски, кој сѐ уште е оптимист дека законот до крајот на овој собраниски состав ќе биде изгласан. Многу е важно, вели Спасовски, да покажеме минимум национален консензус.

Опозициската ВМРО- ДПМНЕ  не открива дали има стратегија и како ќе реагира ако Собранието не се распушти на 12-ти февруари, а Законот за обвинителство влезе во собраниска процедура. Во партијата потенцираат дека потребно е да се донесе закон во служба на граѓаните, а не на политичарите.

Спикерот Џафери вели дека постои можност и еден час пред полноќ на 12-ти февруари да го стави Законот за јавно обвинителство на седница, но само ако е тој усогласен меѓу партиите. Нема да правам циркус од Собранието, вели првиот парламентарец.

Предлогот на ВМРО- ДПМНЕ за распуштање на Собранието, појасни Џафери, е должен да го стави на разгледување. Друго е како ќе гласаат пратениците.

 

Миле Ристески