Извештајот на ОТА зад затворени врати
Лани вкупно 522 комуникации на граѓани биле под надзор на новата Оперативно-техничка агенција. Според извештајот, што беше разгледуван зад затворени врати, ОТА технички посредувала во активирање на мерките за следење на комуникациите. Претседателот на Комисијата за надзор на следењето на комуникациите, Емил Димитриев обвиниува дека СДСМ ја блокира работата на собраниското тело...
Вкупно 522 комуникации на граѓани лани биле под надзор на новата Оперативно-техничка агенција. Според извештајот, што собраниската Комисија за надзор над мерките на следење на комуникациите го разгледуваше зад затворени врати, 269 комуникации биле следени за потребите на Бирото за јавна безбедност во МВР, а осум на барање на Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии.
За другите 245 комуникации не е наведена причината за следењето. Претседателот на Комисијата, Емил Димитриев обвинува дека СДСМ ја блокира работата на собраниското тело.
„Дел од проблемите се нерешени просторни услови и плаќање на големи кирии, недефинирани односи меѓу службите кои креираат проблеми во системот, до последното кога Собранието не прифати да се разгледа измената на Законот за ОТА со што ОТА ќе може да ја тестира сопствената опрема со увид на сите засегнати страни потпишани во подзаконскиот акт, нешто што е голем ризик да го чека конституирањето на наредниот парламентарен состав“- се вели во соопштението.
Како обврска за носење остануваат измените на законот за следење на комуникациите. Иако беа изгласани со двотретинско мнозинство во првото читање, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ бега од договореното.
Марина Стојанова- Тонева
