„Медена земја“ се запиша во историјата
„Медена земја“ не доби Оскар, но се впиша во фимската историја. Доминираше јужнокорејскиот „Паразит“ со освоени 4 златни статуетки од 6 номинации. Нашиот филм изгуби во категоријата документарци од „Американска фабрика“. Тимот на „Медена земја“ задоволен- велат дека се свесни за големината на филмот...

„Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како јас што споделувам со моите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“- порача Атиџе Муратова, ѕвездата на филмот „Медена земја“, македонскиот кандидат за Оскар на 92-то издание на реномираната манифестација.
Иако македонската екипа не освои Оскар, филмот се запиша во историјата со две номинации за најпрестижната статуетка, за најдобар документарен и најдобар странски филм. Тоа е за првпат во историјата на Академијата еден филм да биде номиниран во овие две категории.
Оскарот за најдобар документарец го доби „Американска фабрика“, а во категоријата најдобар странски филм победи јужнокорејскиот „Паразит“. Корежисерката на „Американска фабрика“, Џулија Рајхерт им се заблагодари на сите номинирани во оваа категорија, споменувајќи го и „Медена земја“ и Македонија.
Режисерот Бонг Џон Хо, пак, примајќи ја наградата за најдобар странски филм, изјави дека тоа што Академијата го номинирала документарецот „Медена земја“ во оваа категорија е голем успех и за филмот и за Македонија.
Во тимот на „Медена земја“ во „Долби театарот“ беа Тамара Котевска, Љубомир Стефанов, Атанас Георгиев, Самир Љума, Фејми Даут, како и ѕвездата на филмот, Атиџе Муратова. Екипата на филмот се заблагодари за поддршката истакнувајќи дека се почестени за номинациите покрај сите одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата.
Според филмските критичари „Медена земја“ останува еден од најдобрите културни продукти на нашата земја.
Оскарот за најдобар филм го доби филмот „Паразит“, што е прв филм од неанглиско говорно подрачје да ја добие наградата. Наградата за најдобар режисер повторно отиде во рацете на Бонг Џон Хо. „Паразит“ ја доби и наградата за најдобро оригинално сценарио.
Оскарот за најдобра актерка го доби Рене Зелвегер за главната улога во филмот „Џуди“. Наградата за најдобар актер отиде во рацете на Хоакин Феникс за филмот „Џокер“.
„Толку сум исполнет со чувство на благодарност и не мислам дека сме подобри од другите колеги затоа што ја делиме истата љубов кон оваа професија“, рече Феникс.
Актерот во својот говор се осврна е на егоцентричниот свет, на односот кон природата. Рече дека ако ја искористиме љубовта како главен двигател можеме да развиеме добар свет и за луѓето и за животните.
Марина Ристова
