ЕУ со први конкретни мерки против Русија

07.03.2014 11:56

Во заедничкото соопштение на ЕУ што Ромпуј го прочитал пред новинарите, се наведува дека Унијата бара од Москва да ги повлече трупите во базите и да пристапи на дијалог со Киев во рамки на контакт групата во која ЕУ е подготвена да се вклучи...

Европската унија ги суспендираше преговорите за визна либерализација и за потпишување на економски договори со Русија и ја повика земјата да ги повлече вооружените сили од Украина и да пристапи на дијалог со Киев.

„Доколку Русија ги игнорира барањата на ЕУ ќе следат посериозни мерки. Ќе се соочи со поголеми санкции и сериозни последици во билатералните односи со Унијата", соопшти претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј.

Тој ја оценил украинската криза како „можеби најголема закана на нашиот континент уште од балканските војни" во деведесеттите години на минатиот век, а најавениот референдум на локалните власти на Крим за припојувањето кон Русија го опишал како „спротивен на украинскиот устав и нелегален потег".

Во заедничкото соопштение на ЕУ што Ромпуј го прочитал пред новинарите, се наведува дека Унијата бара од Москва да ги повлече трупите во базите и да пристапи на дијалог со Киев во рамки на контакт групата во која ЕУ е подготвена да се вклучи.

Парламентот на Крим вчера донесе начелна одлука за припојување во состав на Руската Федерација. Референдумот по ова прашање ќе се одржи на 16 март, а американскиот претседател Барак Обама го оцени како кршење на меѓународните права.