„Медена земја“

Реакции по Оскарите: Испишавме историја и без златна статуетка

10.02.2020 15:13

„Медена земја“ не доби Оскар, но се впиша во фимската историја. Доминираше јужнокорејскиот „Паразит“ со освоени четири златни статуетки од шест номинации. Тимот на „Медена земја“ задоволен- велат дека се свесни за големината на филмот. И покрај недобивањето златна статуетка, граѓаните и филмските критичари задоволни...

Нема Оскар за „Медена земја“, но македонскиот документарен филм ги освои срцата на Холивуд и испиша историја со двете номинации. Земјава се гордее со екипата која направи ремек- дело.

„И покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата“, напиша екипата на „Медена земја“ по 92-та Оскаровска церемонија.

Успехот на филмот е неоспорлив, реакциите не стивнуваат.

„Гледав Оскари, иако не зедовме Оскар, исто како да сме зеле.“

„И Оскарите се политика, тоа е меѓу нив договорено, јас барем така мислам. Кога Милчо Манчевски не доби...“

„Доволно е и тоа што стапнавме на црвениот тепих, исто како да сме добиле Оскар“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Филмот испиша историја. „Медена земја“ е првиот документарен филм, номиниран во две категории за Оскар. Остварувањето стигна до сите страни на светот, се закити со многу награди и остави огромно влијание врз луѓето. Испрати феноменални пораки преку животната приказна на хероината Атиџе.

„Во таа за странски филм, конкуренцијата беше навистина голема и моето предвидување беше дека ќе добие „Паразит“. Но, кај документарците очекував дека може да се случи чудо, иако знаеме дека на Американците им е многу важно кога се доделуваат Оскарите, американските филмови да си бидат форисирани, затоа што тоа е и целта на Оскарите, да се направи пропаганда, да се продадат филмовите. Меѓутоа, не очекував дека ќе му дадат, иако знаеме дека „Американска фабрика“ е важен за нив, а и знаеме дека зад него стои брачната двојка Обама. Меѓутоа, „Медена земја“ доби глобална препознатливост“, изјави Сунчица Уневска, филмски критичар.

По завршувањето на церемонијата на доделувањето на Оскарите и Атиџе Муратова упати порака од Лос Анџелес: „Како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“.

 

Александра Спировска