Прва жртва на бурата „Кира“ во Британија
Бурата „Кира“ удри со сета своја сила и направи хаос. Во Британија ја зеде и првата жртва. Ширум континентот и на островот има прекин во авионскиот и железничкиот сообраќај, а се затворени и бројни пристаништа. Ветрот со брзина од 150 километри на час корнел дрвја и покриви, а откажани се и спортски натпревари...
Бурата „Кира“ ја зеде првата жртва во Велика Британија, а силните ветришта и поројните дождови пустошат делови и во неколку други европски држави. Откажани се многу летови, а во прекин е и железничкиот сообраќај. Пристаништата се затворени, се одложуваат фудбалски натпревари и културни настани. Метеоролошкта служба на Британија издаде над 250 предупредувања за поплава, вклучувајќи ги и оние за туристите коишто често се обидуваат да направат фотографија на крајбрежјето на кое има високи бранови. Силниот ветер оштети електрични кабли, а многу пруги се блокирани од паднати дрвја. Во северна Франција е прекинато снабдувањето со електрична енергија. Во неколку германски градови е откажана наставата во училиштата.
„Се скрши и кранот, а и покривот на катедралата. Направена е голема пукнатина во важна историска градба. Ова е еден од главните објекти во Франкфурт“, изјави Питер Фелдман, градоначалник на Франкфурт.
Во соседна Чешка, десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Ветрот од 180 км/ч урна дрвја кои блокираа голем дел од патната инфраструктура. Еден возач е повреден од пад на дрво
„Благодарение на предупредувањето од метеоролошкиот институт ги презедовме потребните мерки. Првин го затворивме најголемиот парк поради дрвјата, во тек е отстранување на сувите и постои голем ризик“, изјави Јосиф Касала, дикретор на Јавни паркови, Брно.
Поради влошените временски услови, во Данска е забранет сообраќајот по поголемите мостови. Ни Холандија не е поштедена од северните ветришта. Но еден тим велосипедисти реши да си ја одржи трката од 8, 5 километри независно од суровите временски услови.
„Ова ми е на списокот со животни желби. Кога ќе ти се оствари еднаш, сакаш и втор пат, и трет, и уште повеќе бидејќи искуството не може да се опише. Мора да пробате за да го почувствувате ветрот, целото искуство.“
Бурата се очекува и на југот на Норвешка и западна Шведска.
Маја С. Филдишев
