Екипата на „Медена земја“: Не треба да има разочарување што не добивме Оскар, успехот е постигнат
Во живо од Лос Анџелес екипата на „Медена земја“ одговараше на новинарски прашања. Велат- не треба да има разочарување што не добивме Оскар, успехот е веќе постигнат. Најважно е што Атиџе беше присутна на церемонијата...
Снимателот на Мартин Скорсезе, Родриго Прието ја запознал Атиџе Муратова и искажал почит за пораката што ја пренесе со филмот „Медена земја“. Јоакин Феникс, добитникот на Оскар стана нејзин фан. На нејзината скромност не останал рамнодушен и Роџер Дикенс. Две недели се дружеле на гламурозното 92 издание на Оскарите. А, Атиџе после сите доживувања и впечатоци од Холивуд, искрено вели- „чекам дома да одам утре и пчелите да ги видам, мене тоа ми е најважно“.
Од екипата на „Медена земја“ велат дека на Атиџе и семејството на Хусеин до некоја мера овој публицитет им годи, но сѐ додека не се премине границата.
Ова не смее да биде претставено како загуба за Македонија. Луѓето кои го видоа филмот „Медена земја“ и нивните реакции треба да бидат вистинската слика за тоа колку е успешен, вели режирката Тамара Котевска. Смета дека Оскарот за филмот „Американска фабрика“ е заслужен.
Изминатата година ме научи дека во животот никогаш не треба да се откажуваме од соништата, вели продуцентот Атанас Георгиев.
„Медена земја“ на сите ни го смени животот, велат од екипата. Останува едно вонвременско дело, со универзална порака да сведочи за нашата земја Македонија, за која слушна целиот свет.
Александра Спировска
