Коронавирус: Бројот на жртви надмина 1.000, заразени над 42.000
Бројот на жртви од Коронавирусот надмина 1.000, а заразени се повеќе од 42.000 луѓе. Експертите велат- охрабрува порастот на излекуваните. Јапонските власти планираат да ги евакуираат повозрасните патници и хронично болните од бродот „Дајмонд Принцес“ за кои е воведен карантин...

Коронавирусот зема сѐ поголем замав. Бројот на починати надмина 1.000 лица, додека пак заразени се повеќе од 42.000.
Властите во Хонгконг ги евакуираа жителите од една зграда коишто имале заеднички одвод, поради сомневање дека Коронавирусот се шири на тој начин. Во зградата биле заразени маж и жена, кои живееле во соседни станови. Податокот ги алармираше властите кои ја испитуваат можноста вирусот да се пренесува и преку воздух.
„Не знаеме дали во други згради има ваква епидемија. Кога вирусот се појавува тоа влијае врз целата зграда. Ова ќе биде голем проблем и сите се многу загрижени.“
„Се надевам дека владата ќе обезбеди хируршки маски за повозрасните, бидејќи многумина овде немаат.“
Покрај бројот на заразени и починати, расте и бројот на излекуваните. Експертите велат дека охрабрува податокот што од болница се веќе пуштени околу 3.200 пациенти.
Во Кина повеќе милиони луѓе се вратија на работните места по празниците за кинеската нова година која беше продолжена по 31 јануари за да се спречи ширење на вирусот. Мерките за внимателност кои сѐ уште се на сила вклучуваат скратено работно време и селективно отворање на работните места. Истовремено продолжува и евакуацијата на странските државјани од Вухан, кадешто Светската здравствена организација испрати тимови.
„Преземете конкретни мерки за да се заштитите, просториите треба да бидат добро проветрени со свеж воздух. Треба да се практикува хигиена на рацете и да се избегнуваат јавни собири или споделување на оброци“, изјави Ву Зуну, Центар за контрола и превенција на болести во Кина.
Јапонските власти планираат да ги евакуираат повозрасните патници и хронично болните од бродот „Дајмонд Принцес“ за кои е воведен карантин. Според последните податоци бројот на заразени меѓу патниците порасна на 161.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Захарова ја критикуваше реакцијата на јапонските власти нарекувајќи ја несистематска и хаотична.
Светската здравствена организација на форум во Женева разговара за мерките во борбата против Коронавирусот. На форумот учествуваат повеќе од 400 експерти, научници и здравствени функционери од различни земји. Една од целите на учесниците е да се обидат да го идентификуваат вистинскиот извор на инфекција.
Марина Ристова
