Германија

Оставката на Анегрет Крамп- Каренбауер носи опасност од политичка криза

11.02.2020 15:25

Разнишаните темели на Демохристијанската унија по оставката на наследничката на канцеларката Меркел- радост за ултрадесничарите, неизвесност за левицата...

Најавената оставка на претседателката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Анегрет Крамп-Каренбауер и нејзиното откажување од кандидатурата за канцеларската позиција предизвика тектонски промени на политичката сцена во Германија. Наследничката на Ангела Меркел ја донесе оваа одлука по 14 месеци од преземањето на функцијата. Како причина за повлекувањето, актуелната министерка за одбрана, позната и како „Мини Меркел“, ги наведе потребата од единствено раководство и притисок од како што вели „силните центрифугални сили“.

Но, пресуден фактор беше политичкото фијаско на изборите за челник на покраината Тирингија каде што не успеа да ги разубеди своите сопартијци да не застанат на страната на екстремната десница од „Алтернатива за Германија“ и да го поддржат либералот Томас Кемерих.

Потегот беше оценет како скандалозен бидејќи за првпат по Втората светска војна државен премиер  беше избран со помош на радикалните десничари. Во игра влегуваат министерот за здравство Јенс Шпан и Фридрих Мерц, поранешен пратеник и долгогодишен непријател на Меркел. И двајцата се познати критичари на нејзината политика за мигрантите. Се споменува и баварскиот премиер и лидер на ЦСУ Маркус Зедер.

„По долго размислување, и со намера да се зацврсти ЦДУ, јас ја поднесов одлуката до партиското раководство и националната дирекција дека нема да се кандидирам за канцеларска функција. Ќе продолжам да го водам процесот за одредување на заедничкиот кандидат на ЦДУ и ЦСУ“, изјави Анегрет Крамп- Каренбауер, лидер на ЦДУ во заминување.

„Во нејзиниот мандат како лидер Анегрет направи и почна важни работи. Првин, да ја споменам соработката меѓу ЦДУ и ЦСУ. Тоа е важна точка бидејќи имавме многу проблеми. За мене е подеднакво важен и процесот за нова основна програма за да сите бидеме подготвени во ЦДУ за периодот до 2030 година“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.

„Земјотресот продолжува“, реагираше државниот секретар за Европа, социјалдемократот Мишел Рот, нагласувајќи дека е уште понеизвесно дали демократите ќе успеат да останат единствени во борбата за демократија и против национализмот. Левичарите со песимистички прогнози за колапс на големата коалиција меѓу ЦДУ, баварската сестринска партија ЦСУ и Социјалдемократите. Порачаа - најголемата европска економија не смее да си дозволи ќор-сокак до идните избори во 2021 година, а по повлекувањето на „мини Меркел“, Демохристијаните ќе се пренасочат кон десно. Оваа опција е силно поздравена од  опонентската политичка струја.

„Не се плашиме од нови избори, секој ден од оваа политичка драма ни носи корист. Ние сме демократска партија. Нашето исклучување и изолирање од демократскиот дискурс на злобен начин, сега им се врати на другите. Другите ја плаќаат цената за тоа. Јасно ми е зошто таа стратегија не функционира, дека се хистерични“, вели Александер Голандм, лидер на Алтернатива за Германија.

Поделеноста на германската политичка сцена е во подем. Групите на десницата и на левицата ја зацврстуваат својата позиција наспроти партиите на десниот и левиот центар и нивната доминантност, и на државно и на локално ниво. Внатрешниот хаос веројатно ќе се прелее и надвор од границите на клучната членка на ЕУ.

Маја С. Филдишев