Комисиска расправа за Законот за јавно обвинителство
Во кој момент и зошто набрзина се предлага Закон за јавно обвинителство, што треба да обезбеди владеење на правото. Уште еднаш го нарушувате уставо- правниот поредок на земјата, рече Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Постигнат е меѓупартиски консензус за текстот, но не и со ВМРО-ДПМНЕ, одговори министерката за правда Дескоска...
Куса дебата на Комисијата за европски прашања дали треба или не токму сега да биде донесен Законот за јавното обвинителство кое е со одложена примена од јуни месец. Кршите постапка, а со тоа и демократијата, порача Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ за кого без одлука на влада овој закон не смее да се разгледува и треба да биде повлечен. Според Димовски, односот на владата го наруши уставно- правниот поредок.
По многу работа до доцна во ноќта испратен е текст во Собранието без вметнатите корекции – објасни министерката за правда Дескоска. Според неа, договор со партиите е постигнат за Законот за јавно обвинителство освен со опозициската ВМРО- ДПМНЕ. Тоа е така, вели Дескоска бидејќи ним им смета силно Јавно обвинителство. Веќе нема да може да се користат прислушуваните материјали освен како индиции за кривично дело. Постојаноста е обезбедена, рече министерката.
За Законот за обвинителство е поднесен само еден амандман. Расправата во Комисијата продолжува утре.
Миле Ристески
