Коронавирусот не го намали интересот за работа на брод
Коронавирусот не го намали интересот на македонските државјани да се пријавуваат за работа на брод. Тројцата македонци кои на пристаништето во Јокохама се во карантин на крузерот „Дајмонд Принсес“ се чувствуваат добро...
Коронавирусот не го намали интересот на македонските државјани да се пријавуваат за работа на брод. Ова е искуството на дел од фирмите кои вршат селекција и посредуваат при вработувањето. Но, затоа добиле насоки за дополнителни гаранции од кандидатите, објаснуваат за МТВ.
„Во случај да имаме нови кандидати кои треба да одат во некои од компаниите, треба да потпишат документ дека 15 дена пртходно не патувале во некоја од ризичните земји и дека немале покачена температура или кашлица“, изјави Јелена Марковиќ, агенција за посредување за работа на брод.
Оние коишто веќе работат, а во меѓувреме дошле на одмор, се проверуваат дали патувале во некоја од ризичните земји.
Тројцата македонци кои на пристаништето во Јокохама се во карантин на крузерот „Дајмонд Принсес“ се чувствуваат добро. Стефани Панова од Велес, чија мајка преку МТВ ги поттикна нашите власти да се заинтересираат за случајот редовно контактира со семејството, но од компанијата ѝ забраниле изјава за медиумите. Се огласи официјален претставник, со смирувачка порака.
„Јапонската влада и компанијата „Принсес“ заедно ги обезбедија дополнителните ресурси и повеќе доктори и медицински сестри кои влегоа на бродот. Им се придружија и експерти за ментално здравје и фармација. Сето ова е поддршка за нашиот медицински тим кој работи 24 часа. Имаме и телефонска линија за помош“, изјави Џен Сворц, претставничка на компанијата „Принсес“.
Лекарските тимови пристигнаа денеска во време кога бројот на заразени од Коронавирус на крузерот порасна на 135. Петмина од новозаболените се вработени на крузерот, четворица Филипинци и еден Украинец. Според генералните прописи кои важат за сите компании, тие се здравствено осигурани за целото времетраење на договорот за работа.
„Доколку станува збор за настинка, некоја полесна болест, се затвораат во т.н. карантин, храна им се доставува во самите кабини, не смеат да излезат и да имаат било каков допир со други колеги или евентуално гости, за да не се развие тој вирус, а доколки станува збор за потешка повреда или последица, тогаш самата компанија им обезбедува клиничко лекување, надвор на копно во зависност од дестинацијата каде што се наоѓаат“, вели Марковиќ.
Марковиќ тврди дека до сега нема пријавено нивен клиент дека е заболен со Коронавирусот. Таков е случајот и со нашите државјани кои се во Јапонија. Но, остануваат во карантин до 19-ти месецов по што ќе биде појасно дали и кога ќе се вратат во Македонија.
Душко Арсовски
