Собранието едногласно го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор
Собранието со 114 гласа „за” го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот е со одложено дејство и ќе стапи во сила откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО.

Со 114 гласа „за“, Собранието едногласно го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Законот е со одложено дејство и ќе стапи во сила откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за нашето членство во НАТО.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во својот говор истакна дека нашиот пат кон НАТО, гледан низ призмата на изминатите три децении, не беше ниту малку лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Го честита скорото зачленување во НАТО, потенцирајќи на заложбите што низ годините ги дале владите, парламентите, но и граѓаните со својата континуирана поддршка за членството во НАТО.
Потсети дека низ годините што следеа, Собранието донело четири декларации за поддршка и реафирмирање на интеграцијата на земјата во НАТО, со што повеќе собраниски состави покажаа доблест, решителност и висока државничка свест за позиционирање на државата во значајни, трајни и високо вреднувани меѓународни организации како што е НАТО Алијансата.
Џафери, изрази особена гордост за работата на актуелното Собрание, за покажаната свест, државнички капацитет и грижа за иднината на нашите генерации, што успеа, надминувајќи ги сите сензитивни моменти, да го зацврсти столбот на нашата меѓународна позициoнираност – да не бидеме повеќе пред вратите на НАТО, туку заедно со нашите партнери, сите 29 земји-членки, на рамноправна основа да делуваме во рамките на Алијансата. Ги поздрави и упати, како што кажа, искрена почит и на сите досегашни парламентарни состави, на сите досегашни влади, на сите досегашни претседатели на државата, сите кои несебично, посветено и со ентузијазам го исполнуваа својот дел од задачата.
Но најмногу од се, искрено сакам да изразам особена почит кон граѓаните на Република Северна Македонија, што во изминатите речиси три децении на нашата самостојност, непоколебливо покажуваа висок процент на поддршка на патот на нашата држава кон НАТО Алијансата. Наскоро, сите овие напори ќе добијат своја достојна валоризација и гордо ќе можеме да кажеме – Ние сме НАТО, рече Џафери.
Претходно обраќања на свечената седница имаа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, координаторите на пратеничките партии и пратеници.
