Пендаровски ќе го потпише указот за Законот за ратификација на Северноатлантскиот сојуз

12.02.2020 10:03

Претседателот Пендаровски ќе го потпише указот за ратификација на Северноатланскиот договор. Собранието вчера едногласно, со 114 гласа „за“ го усвои законот што ќе се применува откако Шпанија ќе го ратификува протоколот. Надлежните очекуваат напролет државава да стане 30-та земја- членка на Алијансата. Знамето на НАТО се вее пред македонскиот Парламент...

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор. Собранието вчера на свечена седница едногласно со 114 гласови „за“ го усвои Законот што ќе се применува по ратификацијата на Протоколот за НАТО од Шпанија, по што се очекува земјата да стане 30-та членка на Северноатланската алијанса. По седницата, знамето на Северноатланската алијанса беше ставено на јарболот до македонското знаме пред зградата на Собранието.

На вчерашната свечена собраниска седница зборуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, претседателот на Собранието Талат Џафери, координатори на пратенички групи, пратеници меѓу кои и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи. Зборуваше и претставник на НАТО.

Пристапувањето кон Северноатлантскиот сојуз не е едноставно стапување во членство во меѓународна организација. НАТО е сојуз на држави кој се заснова врз меѓусебна политичка и одбранбена солидарност и врз заеднички вредности. Членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност, истакна претседателот Пендаровски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во својот говор потенцираше дека нашиот пат кон НАТО, гледан низ призмата на изминатите три децении, не беше ниту малку лесен и беше испреплетен со многу турбулентни моменти. Го честита скорото зачленување во НАТО, потенцирајќи на заложбите што низ годините ги дале владите, парламентите, но и граѓаните со својата континуирана поддршка за членството во НАТО.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски на свечената седница по повод ратификацијата на Протоколот за членство на земјата во НАТО истакна дека по 27 години од првата одлука за членство во НАТО донесена во Собранието, на овој пратенички состав му припадна честа во име на сите нивни претходници во пратеничките клупи и на сите граѓани да го ратификува овој документ, кој е влог во безбедносната иднина на нашата земја.

Напомена дека сега кога и формално ќе станеме триесеттата членка на НАТО, во годината на седумдесетиот роденден на Алијансата, нашата одговорност се зголемува, а реформите не запираат.

В.д. претседателот на Парламентарното собрание на НАТО, Атила Местерхази, по изгласувањето на Законот за Ратификација на Северноатланскиот совет истакна дека ние го заслуживме нашето место со определбата и активната посветеност на постигнувањето на евроатланската безбедност и оти покажавме дека сме подготвени и спремни да ги прифатиме обврските на сојузникот НАТО.

Ратификацијата на северноатлантскиот договор е со одложено дејство поради тоа што на 12 април треба да се одржат предвремените парламентарни избори.