„Ковид-19“ е името на новиот Коронавирус
Во последните 24 часа смртно настрадале 97 лица, а здравствените власти во Кина регистрирале нови 2.015 случаи на заболени. Светската здравствена организација предупреди - болеста може да биде поголема закана од тероризмот...
Над 44.600 заразени, а 1.113 починати од коронавирусот којшто доби официјално име „Ковид-19“. Терминот е комбинација од англиските зборови за „корона“, „вирус“ и а „болест“. Во последните 24 часа смртно настрадале 97 лица, а здравствените власти во Кина регистрирале нови 2.015 случаи на заболени. Светската здравствена организација предупреди - болеста може да биде поголема закана од тероризмот. За оваа проблематиката се дебатира и на дводневниот самит во Женева.
„Вирусот може да има посериозни последици од која било терористичка акција. Тоа е вистината. Ако светот не сака да се разбуди и да го гледа овој вирус како непријател број 1, тогаш не сме ги научиле лекцииите. Мора да инвестираме во здравството, во подготовките“, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
„Докторите мора да можат да прават брза дијагноза, да ги идентификуваат заболените, да даваат соодветен одговор и да го имаат потребниот материјал, како што се готови терапевтски протоколи во болниците. Ова е подготовка што ја следат министрите за здравство и тие соработуават со нас. 98% од случаите се во епицентарот на епидемијата, во Вухан и провинцијата Хубеј“, рече Марија Неира, директор на Одделот за јавно здравје, СЗО.
Во меѓувреме, неколку високи функционери во Кина се сменети поради неуспешните одлуки околу контролата на ширењето на болеста.
