Азиска премиера на проектот „Македонисимо“ на Трпчески и пријателите во Јужна Кореја
Во „Македонисимо“ - новата димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов, освен Трпчески настапуваат и Александар Краповски на виолина, потоа на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, зад удиралките е Влатко Нушев, а овој пат наместо Александар Сомов од Бугарија, на виолончело е нашиот Паскал Краповски...

Музичкиот проект „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите ја има својата азиска премиера на серијата од три концерти во Јужна Кореја, информира КултурОп.
„Приемот на кој наидуваме е одличен и единствена разлика е тоа што дел од публиката, како претпазливост од корона вирусот е со заштитни маски. Се радуваме од реакцијата на публиката на темите од македонскиот фолклор, а нивната почит е изразена и со раритетна можност во програмата делата да бидат најавени и на кирилица на македонски јазик“ – вели Трпчески за Македонското радио, користејќи ја можноста на своите домаќини да им ги честита четирите Оскари што ги освои филмот „Паразит“, подвлекувајќи ја уште еднаш и гордоста од двете номинации за македонскиот документарец „Медена земја“.
Инаку, во „Македонисимо“ - новата димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов, освен Трпчески настапуваат и Александар Краповски на виолина, потоа на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, зад удиралките е Влатко Нушев, а овој пат наместо Александар Сомов од Бугарија, на виолончело е нашиот Паскал Краповски.
Големиот интерес за изведбата на „Македонисимо“ во Јужна Кореја го „натера“ локалниот промотор YT на својот сајт да обезбеди и директен пренос во живо од третиот концерт.
За потсетување, светската премиера на „Македонисимо“ се одржа на 18-ти мај 2017 година на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија.
