Комисија за европски прашања

Помина предлогот за Закон за јавно обвинителство, следува пленарна седница

12.02.2020 15:09

Предлог- законот за јавното обвинителство го мина комисискиот филтер, оди на пленарна седница. За усвојување е потребно двотретинско мнозинство. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ презентираше аудио- снимка и транскрипт што ги добил, како што рече од укажувач, за според него, злоупотреби од именувани функционери. Министерката за правда рече дека комисијата не е место за пуштање снимени разговори. Го повика да ги достави во Обвинителството..

Предлог- законот за јавно обвинителство помина на Комисијата за европски прашања. Пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ Милошоски на говорницата објави аудиоснимка и транскрипт од разговор, за која рече дека е гласот на З.З. Тој рече дека ја добил аудиоснимката од укажувач, кој што имал, како што рече тој, докази за криминал на избрани и именувани функционери.

Министерката за правда одговори- Комисијата не е место за објавување на снимки, туку за тоа постојат институции. Таа посочи, ако Милошоски си верува самиот себеси на тоа што го пушти, слободно нека го достави до институциите. Како доаѓа времето за изгласување на Законот за јавно обвинителство, така повеќе се гледа стравот кај опозицијата, со која цела година преговаравме, а не постигнавме договор, рече Дескоска.

За ДУИ е многу значајно што им е прифатен предлогот за почитување на Бадентеровиот принцип при изборот на обвинители, вклучувајќи го и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Претседателот на Комисијата, Груби се надева дека ќе бидат обезбедени 80 пратенички гласа за поддршка на предлог-законите. Поднесен беше само еден амандман, од пратеникот Рушиди од Алијансата, со кој се бараше незаконски прислушуваните материјали да се користат како докази и во постапките кои се отворени по 30 јуни 2017, но со мнозинство гласови комисијата не го прифати.

Игор Панов