Политика

ВМРО-ДПМНЕ бара спикерот Џафери денеска да закаже седница за распуштање на Собранието

12.02.2020 15:13

ВМРО-ДПМНЕ бара од спикерот Џафери денеска да закаже седница за распуштање на Собранието, да се испочитува постигнатиот договор. Претседателот на Законодавниот дом останува на ставот дека краен рок за распуштање е 16-ти февруари, според известувањето на ДИК...

ВМРО-ДПМНЕ бара денеска спикерот Џафери да закаже седница за распуштање на Собранието, според постигнатиот договор кај Претседателот Пендаровски за предвремени избори на 12-ти април. Предлог-одлуката партијата ја достави на 5-ти февруари. Од таму додаваат дека СДСМ и Заев се обидуваат да избегаат од соочувањето со граѓаните и поставуваат нови услови што не се воопшто поврзани со одржувањето на изборите. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на изјавата на Џафери дека ако треба тој како пратеник ќе поднесе предлог за распуштање на 12 февруари.

Извесно е дека Парламентот денеска нема да носи одлука за распуштање. Се очекува претседателот Џафери да достави свој предлог, но сè уште не е утврден конечен датум. Пред неколку дена соопшти дека се обратил до Државната изборна комисија да се изјаснат кој е оптималниот рок за распуштање на Собранието, за да се испочитуваат сите постапки и рокови за одржување на предвремените парламентарни избори на 12 април. Џафери останува на неговата последна изјава и не го коментира барањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Ако не се распушти Собранието, на јавноста ќе и стане јасно дека владејачкото мнозинство не си стои на зборот, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Милчо Велески