Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) преку соопштение остро реагира на обвинувањата од Давид Бабунски, членот на младата репрезентација на Македонија, за долгото патешествие на неговите соиграчи од У-21 тимот по враќањето од Португалија, каде што завчера загубија со 2-0 во натпревар од квалификациите за ЕП.
„Крајно неодговорно е за секој индивидуален неуспех да се бара виновникот и тоа секогаш да биде Фудбалската федерација на Македонија. Секој фудбалер своето дело и храброст треба да го покаже на терен, а не да бара оправдувања за себе. Поразите се дел фудбалската игра, тие треба да се поука и искуство, поттик повеќе за во иднина, да се исправат грешките, да се работи напорно и да се гледа позитивно. Станува збор за прозивка која го нарушува имиџот на Фудбалската федерација на Македонија, која изминативе две година ја потврди својата посветеност за вистинските фудбалски вредности. Ако во минатото зборовите беа дела, денеска, делата ги потврдуваат зборовите на раководството на ФФМ“, пишува во дел од јавното обраќање на Федерацијата.
ФФМ тврди дека токму селекторот на младата репрезентација Бобан Бабунски, инаку татко на Давид, имал само пофалби за условите коишто федерацијата и ги обезбедува на селекцијата чијшто предводник е тој.
„Нашата млада репрезентација пристигна во Португалија два дена пред натпреварот, беа сместени во хотел со 4 ѕвезди, на оддалеченост од само 29 километри од стадионот на кој го одигравме натпреварот (временски, патувањето е 30 минути) и имаа време за два подготвителни тренинга. За да имаат повеќе време да се подготват, ФФМ го помести и колото од првата фудбалска лига се со цел нашите репрезентативци да имаат повеќе време за подготовка. На селекторот Бобан Бабунски и на неговиот тим им беа понудени единствените две опции за патување во Португалија во тој период, од кои ја избраа најдобрата. Самиот селектор на младата репрезентација пред неколку дена изјави дека условите за работа на селекцијата се одлични и третманот кои репрезентацијата до 21 година го добива е еднаков на третманот на А селекцијата на Македонија“, се вели во дел од соопштението на ФФМ.
Вчеравечер бурата ја покрена Давид Бабунски со пост објавен на фејсбук во кој ја нападна ФФМ дека дозволила репрезентативците да имаат целодневно патување до Скопје, по враќањето од Португалија.
„Моите соиграчи од селекција до 21 година се уште патуваат да се вратат дома. Тргнаа од хотелот од Португалија во 9,30 часот сабајле и во моментов се наоѓаат во Франкфурт чекајки авион за Љубљана за да стигнат во Скопје во 1,30 часот сабајле. Дали се овие подобрите услови што ги ветивте? Дали вие искрено сакате фудбалот во Македонија да напредне? Срамота. А немојте со тоа дека немало пари, сите знаеме кај се парите. А ако не сакате да ги извадите, јас сум способен да одвојам од мојата плата и да вложам за македонскиот фудбал, само кажете, зошто јас навистина сакам да тргнеме нагоре. Пред натпревар патуваме еден час до стадион. И ние треба да излеземе на терен да браниме едно знаме и целиот македонски народ што не подржува. Не знам колку Ви е вам тоа битно или дали воопшто Ви е гајле, ама ние за нив трчаме“, пиша синоќа Давид Бабунски на својот фејсбук профил.