Пендаровски го потпиша указот на Законот за ратификација на Северноатланскиот договор
Претседателот го потпиша указот на Законот за ратификација на Северноатланскиот договор. Чекавме 30 години, нека ни е со среќа- рече Пендаровски. За кратко време нашето членство ќе биде заверено. Ќе бидеме дел од семејството под безбедносен чадор кој штити една милијарда луѓе- рече министерката Шекеринска...

Земјава ја заврши својата работа за членство во НАТО. Собранието го ратификуваше пристапниот протокол, а претседателот го потпиша. Документот има одолжена важност сѐ додека и последната земја членка- Шпанија не го ратификува протоколот. Шефот на државата пред студенти на политички науки на Правниот факултет го стави историскиот потпис на документот што треба да ни донесе полноправно членство во НАТО.
„На ова чекавме речиси 30 години, ама се исплатеше. Нека ни е со среќа“, рече претседателот Пендаровски по потпишувањето на указот.
Точно една година по потпишувањето на пристапниот протокол за членство во НАТО, 28 сојузници веќе го ратификуваа документот. Наскоро земјава ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО и ги обезбеди безбедноста и интегритетот, истакна министерката за одбрана Шекеринска. Очекувањата се дека протоколот ќе биде ратификуван во Парламентот на последната земја-членка Шпанија во почетокот на март.
„Информациите од Шпанија говорат за првата половина на март. Тоа се собраниски работи, се работи за процедура која е малку покомплицирана од нашата собраниска процедура, но во моментов информациите укажуваат на тоа дека би можеле да очекуваме ратификација на почетокот од март и плановите кои што ги правиме, ги правиме врз основа на тоа“, изјави министерката Шекеринска.
Министерката за одбрана очекува законот за одбрана што треба да ги дефинира обврските на земјава како членка на нато, со двотретинско мнозинство да се усвои од актуелниот пратенички состав како што беше случајот со гласање и за законот за служба во армијата.
Ирина Гелевска
