Спасовски побара од Собранието да ја разреши министерката Мизрахи
За непочитување на Уставот и законот, нема компромиси- вели премиерот Спасовски.
До Собранието стигна предлогот на премиерот со која бара народните избраници да ја разрешат техничката министерка за труд и социјала Мизрахи. За непочитување на Уставот и законот, нема компромиси- вели Спасовски.
„Ако некој смета дека ситно партиските, тесни, политички интереси се поважни од Македонија и иднината на оваа држава се лаже многу. Јас како претседател на Владата и оваа Влада нема да дозволиме никој да си поигрува со судбината на државата и на граѓаните“, изјави денеска Спасовски и нагласи дека предлогот е веќе доставен, бидејќи, како што рече, никој не смее да си поигрува со Уставот и законите.
Барањето за разрешување следува откако министерката Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“. Ставот на Мизрахи е дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес- конференции.
Според Уставот за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.
