Поповски: Има сериозно подобрување во информирањето на јавниот сервис
Има сериозно подобрување во информирањето на јавниот сервис. Министерот Поповски на дебатата за МРТ. Вели- има намалување на средствата, но има и неисполнети законски обврски. Директорот Цветковски со став- МРТ долги години е заложник на политички кризи. Ни требаат финансии и појасни закони...
Точно е дека има намалување на средствата за јавниот сервис, но точно е и дека не се реализирани дел од законските обврски - рече министерот Роберт Поповски. Според него, сегашниот модел на финансирање не е идеален, но бил единствениот за да се стабилизира МРТ. Посочи дека во изминатите три години има сериозно подобрување на начинот на информирање на јавниот радиодифузен сервис.
Директорот на МРТ, Марјан Цветковски вели дека јавниот сервис од осамостојувањето на земјава е заложник на политички кризи и тоа има влијание врз работењето.
„Се трудиме да обезбедиме минимум нормални услови за да функционира јавниот сервис. Не е докрај дефиниран правниот статус на телевизијата, проблем се двојствата во законодавството, финансирањето и малиот број на вработени“- рече тој.
Важно е членството во Програмскиот совет да биде според професионални заслуги и јавниот сервис да остане независен од надворешни влијанија, велат од мисијата на ОБСЕ. Изразија подготвеност за поддршка на конкретни иницијативи за одржливост и независност.
Од Европската радиодифузна мрежа велат дека постои политичка волја јавниот сервис да стане функционален и оти за пофалба е законската одредба за избор на Надзорното тело со двотретинско мнозинство.
Македонскиот институт за медиуми со став - Програмскиот совет треба да обезбеди поголема транспарентност, потребни се динамична интернет- страница и воведување внатрешен омбудсман.
Сунчица Николоска
